02.08.2023 by Natasha Petrovska Durgutov
Секоја чест на сите кои ја пренесоа веста за продадените членски карти на ФК Хајдук и продадените сезонски билети на клубот (сезона 2023/2024).
Секоја чест на сите кои го споредуваат нашиот Вардар со сплитски Хајдук.
Секоја чест на сите кои потенцираат дека за нашиот Вардар “пасивно се навивало”…
Е, сега сите вас, јас да ве прашам:
– знаете ли дека на сплитската рива беше запалено американското знаме кога се појави понуда од Американците за купување на клубот?
– знаете ли што ќе им се случеше на Сергеј Самсоненко и неговите ортаци да се обидеа да го “купат/украдат” старото игралиште на “Плинара” во име на Хајдук?
– знаете ли што ќе им се случеше на Самоил Симев, Мирко Спасевски, Дарко Панчев и Илија Најдоски да живееја во Сплит и да “си заминат од клубот” кој во тоа време имал (или требало да има) 3.100.000 евра што Хајдук ги добил од УЕФА, а при нивното заминување тие пари ги нема во клупската благајна?
– знаете ли како ќе завршеа во Сплит овие погоре наредени кои избегаа од Вардар како глувци од бродот кој тоне и го оставија клубот со долг од 2,5 милиони евра?
И, сега, Хајдук бил ова-она, Вардар пасивно се сакал …!!!
Вардар се сака или не се сака, блефирање тука нема …!!! Го сакаат комитите од срце и душа, го сакаат сите други и сите тие дојдоа кога на Вардар му требаа во Маџари, во Охрид, во Кавадарци …
Ќе дојдат повторно на 13 август …
А, вие, кои само пишувате (и препишувате) напишете еднаш ваш авторски текст и истражете и дознајте – како Вардар есента 2018 година добил 3.100.000 евра од УЕФА, а летото 2021 година го “фрлиле на улица” со 2,5 милиони евра долг? Излегува дека за помалку од три години Вардар “потрошил” 5,5 милиони евра …!!!???
СЕДНЕТЕ И ЗБОРУВАЈТЕ, КОМЕНТИРАЈТЕ И ПИШУВАЈТЕ НА ТАА ТЕМА …