Skok
Прва лига

СО СЕЗОНСКИ БИЛЕТ ДО 500.000 ЕВРА КЛУПСКИ БУЏЕТ

Со одржаната прес-конференцијата на новата раководна гарнитура на ФК Вардар олицетворена во челниците на навивачката група комити, продолжува стабилизирање на клубот.
Во салата на киното во населба Кисела вода, освен претставниците на комитите пред аудиториумот на јавноста беа и дел од главните протагонисти – фудбалерите Дарко Мицевски, Дарко Глишиќ и Филип Гачевски.
Во таков амбиент, пресот на вардарците го водеше Милорад Миленковски-Мики, човекот кој како челичен лост се изложи на патот на „слободното паѓање“ на Вардар и со помош на своите први соработници успеа да го спречи црното сценарио, да го (с)нема ФК Вардар.
На прес-конференцијата, меѓу другото и деталите кои ги образложи, популарниот Мики рече:
– Ние кои го сакаме Вардар, кои сме со него години наназад, покажавме и успеавме со нашиот ентузијазам, со нашето единство и верна љубов кон клубот да го вратиме истиот во Првата фудбалска лига. Сите вие кои го следите Вардар ја видовте неговата сила и моќ која кулминираше во Кавадарци на бараж натпреварот за влез во Првата лига. Тоа што го направија фудбалерите, тоа што тие се изборија за тука каде што сме сега, им дава право да останат во клубот и да бидат херои на клупската историја неограничено.
Во продолжение Миленковски се осврна на актуелниот миг и најновата акција на раководството поврзана со продажбата на сезонските билети за натпреварувачката сезона 2023/2024 година.
– Наша моментална акција е продажба на што поголем број сезонски билети за следење на натпреварите на Вардар во сезоната што престои. Со нашето преземање на клубот, ние успеавме да го сопреме континуираното пропаѓање на клубот, успеавме да му ставиме крај на лошото раководење и го враќаме Вардар на народот, работиме на концепцијата „Вардар клуб на народот“. Акцијата за продажба на сезонски билети е токму тоа, – рече Миленковски.
Моменталниот фронтмен на клупското раководство се осврна и на долгот на клубот што беше интерес на новинарско прашање.
– По сите перипетии во последните 8-9 години, кога Вардар беше купен од сопственикот Сергеј Самсоненко (2014 година – з.а.), па преку него беше купена парцелата на помошното игралиште на Вардар која со неговото заминување не му е оставена во владение на клубот, се случуваше перманентно пропаѓање на клубот, пред се од финансиски аспект. Самсоненко го остави клубот со долг од 2,4 милиони евра кој во наредните две години (2021-2023 – з.а.) е зголемен за околу 400.000 евра. Од овој долг околу еден милион евра се долгови по основ на плати и други давачки кон Управата за јавни приходи, а околу 240.000 евра кон ПУИГ, претпријатието кое стопанисува со Градскиот стадион, односно арената „Тодор Проески“, – одговори на новинарското прашање Миленковски.
Во однос на приходот кој го очекуваат од продажбата на сезонските билети, Миленковски рече:
– Нашата актуелна акција има за цел да се продадат што е можно повеќе годишни билети за следење на натпреварите на ФК Вардар со што се планира делумно да се санира финансиската ситуација. Нашите планови и амбиции се да продадеме повеќе од 30.000 билети и да оствариме приход од 500.000 евра. Очекуваме поддршка од институциите во државата, од навивачите на Вардар. Клубот е на народот, па затоа ги повикуваме сите скопјани и жители на други градови во Македонија, воопшто сите Македонци да бидат дел од големата акција за финансиска консолидација на Вардар.
Најновите ангажмани на клупското раководство се само ефект од воведување на Мртвата стража во клубот (почетокот на април), потег со кој „го замрзнаа“ деструктивното раководење на клубот од страна на сега веќе сменетиот сопственик Слободан Крстевски-Цобе.

Поврзани вести

КРАЈ ПРЕД КРАЈОТ НА ПМФЛ … ШКУПИ ИЗВИСИ ЗА ЕВРОПА …!!!

Mijalce Durgutov

КРАЈ НА МАНИПУЛАЦИИТЕ СО ВАРДАР …!!!

Mijalce Durgutov

СЕП БЛАТЕР И СТРУМИЧКИТЕ РЕФЛЕКТОРИ …!!!

Natasa Petrovska Durgutov
Вчитување ....

Оваа веб-локација користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Прифаќам Повеќе

Skok