Skok
ФудбалФудбал низ светот

Пријателски фудбалски натпревар во Скопје

МИОВСКИ ВЛЕЗЕ И ДАДЕ ГОЛ …!!!

Шпицот Бојан Миовски влезе во игра во 55 минута и го постигна единствениот гол на натпреварот

Текст и фото: Мијалче Дургутов и Наташа Петровска Дургутов

Нашиот национален тим отсекогаш бил махер за пријателски натпревари. Така, во пријателски стил, со многу повеќе шанси за гол отколку со истрчани километри во нозете, успеавме да ги победиме Фарските острови минимално. Единствениот гол го постигна Бојан Миовски по само 27 минути откако влезе во игра. Добро беше проигран во 16-от на гостите, втрча како брз воз и со прецизен удар ниско по земја го погоди спротивниот агол од голот на гостите или таканаречената „мала мрежичка“.

Овој гол на нашиот шпиц, заедно со шансата на Елмас во 79 минута (влезе во игра истовремено со Миовски) и погодената греда по атомскиот шут на Алиоски (37 минута) се резимето од овој пријателски натпревар. Можевме да дадеме уште еден-два гола, имавме убави и изработени ситуации за тоа, но – на овој натпревар немаше втор стрелец-јунак покрај Миовски …

Гостите имаа една добра шанса во првото полувреме кога во 41 минута Стефан Радосављевиќ беше осамен на пеналтикот од голот на Шишковски, но не му даде шанса евентуално да интервенира, туку шутираше високо над гредата. Другото беше се под овој просек.

Останува информацијата дека овој натпревар  се одигра без VAR контрола и судии кои би одлучувале по спорните ситуации. А, богами, имаше една таква кога во првото полувреме имаше игра со рака од противнички играч на гостите во сопствениот 16-ик, но црногорскиот судија Милош Савовиќ не свирна ништо …!!!

Она што треба да се коментира е играта и шансите кои (не) се користат. Пријателскиот натпревар беше добро искористен од нашиот селектор Милевски кој стави плус шест репрезентативци во игра. Секако, дека впечатокот и анализата се негови и од тоа треба да имаме корист во продолжение на квалификациите за EURO Germany 2024. Шест измени направи и селекторот на Фарските острови Хакан Ериксон.

Нам ни останува да ги подобриме нештата до јуни кога играме два натпревара Против Украина (во Скопје, петок 16 јуни) и против Англија на гости (19 јуни, понеделник).

Македонија – Фарски острови 1-0 (0-0)

Скопје.- (27.03.2023). Стадион „Тодор Проески“. Гледачи: 500. Главен судија: Милош  Савовиќ (Црна Гора). Стрелец: Миовски во 82 минута. Жолт картон: Балдвинсон, Петерсен и Едмундсон (сите Фарски острови).

Македонија: Шишковски, Кире Ристевски, Алиоски, Барди, Чурлинов (79 Ашковски), Стефан Ристевски, Велковски (79 Манев), Етеми (70 Давид Бабунски), Милан Ристовски (55 Елмас), Атанасов (70 Елези), Несторовски (55 Миовски).

Селектор: Благоја Милевски

Фарски острови: Реинатрод, Давидсен, Ватнсдаи (46 Едмундсон), Балдвинсон ( 72 Фаеро), Ватниамар, Радосављевиќ (62 Ролантсон), Соренсен, Јонсон (62 Јохансен),  Јоенсен (84 Олсен), Андреасен (72 Мнени), Петерсен.

Селектор: Хакан Ериксон

Поврзани вести

Де Лаурентис пораќува: Догодина ќе ја освоиме и Лигата на шампионите …!!!

Natasa Petrovska Durgutov

Пеле доби улица во Рио де Женеиро

Natasa Petrovska Durgutov

Добро утро Порто … Добро утро Македонијо …!!!

Goran Kotevski
Вчитување ....

Оваа веб-локација користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Прифаќам Повеќе

Skok