Мијалче Дургутов
Во полуфиналето на Лигата на шампионите Интер повторно го победи градскиот ривал Милан (1-0) и со втората победа во меѓусебните соочувања оваа сезона во Лигата на шампионите, „сино-црните“продолжуваат во финалето од елитата кое ќе се игра во Истанбул.
„Росонерите“ имаа два гола негатива од првата средба, а во втората не успеаја да постигнат ран гол со кој ќе се вратеа во игра за мечот за европската титула. Интер во вториот дел го искористи единственото невнимание на ривалот и така ја продолжи доминацијата во однос на градскиот противник.
Стартот на натпреварот на „Џузепе Меаца“ почна традиционално спектакуларни кореографии на трибините, а кога се говори за играта, следеа две полушанси на Хернандез на едната и Михтарјан на другата во воведните десет минути, но шутевите од далечина завршија над голот. Најдобрата можност беше на контото на Милан, кој во 10. минута имаше шанса да поведе преку Диаз, но голманот Онана го спаси својот тим од ран погодок.
Се играше доста грубо во продолжението, а возбудувањата се вратија во 37. минута. Тогаш, Леао имаше добра нова шанса за Милан, но шутираше само крај голот, а на спротивната страна Интер првпат шутна кон голот во 39. минута преку Чалханоглу со глава, потоа по корнер се обиде Лаутаро Мартинез, но безуспешно.
Вториот дел тргна доста невозбудливо, повторно со грубата игра која на сцена беше во средината на првиот дел. Доминираа фаулите, а хендикеп за Интер беше што остана без Махттаријан во средниот ред поради повреда и тешко создаваше шанси. Сепак, од единствената сериозна, дојде до победата. Во 74. минута нововлезениот Лукаку го проигра Лаутаро Мартинез, а тој откосо го совлада голманот кој можеше да реагира доста подобро.
По овој гол во Милано, веќе беше јасно кој е патникот во финалето. Интер се враќа во мечот за титула по 13 години, за првпат по 2010 година кога и последен пат беше европски шампион.