Македонија-Малта 2-1 (0-0), прво коло во „Ц“ квалификационата група за пласман на Европското фудбалско првенство Германија 2024
Текст и фото: Мијалче Дургутов и Наташа Петровска Дургутов
Внимателниот приод (да не речеме стравот) кај селекторот Благоја Милевски презентиран на прес-конференцијата пред дуелот на нашиот национален тим со селекцијата на Малта не се покажа како „пукање во празно“. Дека сите знаат да играат фудбал, знаеме и ние и сите други, но дека Македонија едноставно треба (и мора) да биде фаворит против една Малта, и тоа треба да го знаеме сите. Од она што го видовме низ 90-те фудбалски минути, единствено потезите и головите на Елмас и Чурлинов „не потсетија“ дека сме (далеку) подобри од Малтежаните.
Нејсе, игравме добро во второто полувреме. Имавме ритам, игра, додавања, удари кон противничкиот гол. Изнудивме пенал кој после прегледот на VAR системот беше поништен, погодивме пречка (маестрален удар на Барди), дадовме и два гола, и што е најважно – победивме …!!! Тука завршува, сепак, успешната приказна во која малтешкиот сокол беше скротен на македонски начин …
А, почнавме (во најмала рака) проблематично. Млитаво, со куси и здодевни додавања, бавна креација на играта на противничката половина. Немаше идеја во нозета и главите на нашите репрезентативци. Соло обидите на Елмас ја кренаа публиката на нозе, ударот со глава на Муслиу кој заврши над пречката после изведениот корнер само не потсети кој е кој во оваа фудбалска игра. Гостите „прелетаа“ само двапати на нашата половина, така што ударите кон голот на Столе Димитриевски упатени од Теума и Пол М`бонг остануваат само како статистичка бројка.
Во второто полувреме пеевме друга песна. Тркалото почна да се врти на нашата воденица. Нашите избраници заиграа далеку подобро, како да се разбудија од сонот и небаре на полувремето се сетија дека, сепак, ние сме тие кои сме подобри, поквалитетни, поумни и дека имаме и подобар селектор од нивниот Мичел Марколини. Тоа го потврди нашиот Благоја Милевски со двојната измена во 58 минута кога ги повлече од игра Александар Трајковски (влезе Илија Несторовски) и Дарко Велковски (влезе Дарко Чурлинов). Со овие две рокади Милевски успеа да го помести тежиштето на играта пред противничкиот гол, му го „скрши“ едното крило на малтешкиот сокол и го принуди на атерира на скопската трева.
Пилот во таа акција беше извонредниот Чурлинов кој едноставно ги размрда и ги исфрли од колосек фудбалерите на Малта. Неговиот втор гол е мало ремек дело на фудбалери кои можат да се пофалат со својата фудбалска техника и играта со двете нозе кои им работат со иста динамика. Елегантно го изведе целиот ритуал околу вториот наш гол и со прецизната левица го принуди малтешкиот голман да падне пред него немоќен да го одбрани ударот.
Претходно, веројатно лут на самиот себе и на сите од нашиот тим дека не можеме да постигнеме гол и водство, Елиф Елмас распали со својата дијамантска десница и просто ја закова топката зад грбот на голманот Хенри Бонело. Тоа беше водство кое дојде 8 минути после двојната измена на Милевски, а семафорот покажуваше дека с еигра ѓаволската 66-та минута.
До крајот остана само грешката на речиси комплетната наша одбрана која испопаѓа како кегли на маса за билијард пред налетот на Јаник Јанкам кој едноставно ја турна топката во билијардската дупка на нашата мрежа. Но, тоа беше се што успеа Малта да направи на резултатски план. Црвениот картон на Благоја Милевски (90 минута) не ги разниша нашите момчиња кои ја постигнаа целта – победија и освоија три важни и вредни бодови на првиот натпревар од квалификациониот циклус за пласман на Европско првенство во Германија 2024 година.
П.С. ЦИРКУЗОТ ОКОЛУ ДОСУДЕНИОТ ПЕНАЛ НА ЕСТОНСКИОТ СУДИЈА КРИСТО ТОИВЕР, ПА VAR ОДЛУКИТЕ НА ПОЛСКИТЕ СУДИИ ДА СЕ ПРЕИСПИТА ПЕНАЛОТ, ЗАЛИЕН СО ЖОЛТИОТ КАРТОН НА МИОВСКИ ЗАРАДИ СИМУЛАЦИЈА Е САМО КАПКА ВО ГЛУПАВАТА VAR ЧАША КОЈА (КОГА-ТОГАШ) ЌЕ СЕ ПРЕЛИЕ
Македонија – Малта 2-1 (0-0)
Скопје (23.03.2023).-Стадион „Тодор Проески“. Гледачи: 6.000. Главен судија: Кристо Тоивер, помошници; Силвер Коив и Стен Класен, четврт судија: Јури Фричер (сите од Естонија).
Стрелци: Елмас 66, Чурлинов 72 за Македонија, Јанкам 85 минута за Малта.
Жолт картон: Барди (старт), Миовски (симулација) кај Македонија, Теума (старт), Борг (старт) и Камензули (старт) кај Малта.
Црвен картон. Благоја Милевски (селектор Македонија).
Македонија: Димитриевски, Муслиу, Елмас, Алиоски (78 Ашковски), Трајковски (58 Несторовски), Барди, Стефан Ристовски, Велковски (58 Чурлинов), Зајков (78 Кире Ристевски), Миовски (78 Милан Ристовски), Атанасов.
Селектор: Благоја Милевски
Малта: Бонело, Атард, Камензули (Корболан), Борг, Гиламиер, Џосеф М`бонг, Пол М`бонг (Димеч), Апап (Јамкам), Сатариано (Џонс), Теума (Паибер), Кристенсен.
Селектор: Мичел Марколини