На 04 февруари (недела) ФИФА ќе го објави распоредот на натпреварите предвидени за Светското фудбалско првенство 2026 година. Ова светско првенство ќе се игра во три држави: САД, Канада и Мексико, што е првпат во историјата но „мондијалите“ (досега само еднаш две држави беа заеднички организатори – Јужна Кореја и Јапонија во 2002 година).
Во таа насока, Канада ќе ја има привилегијата првпат да биде домаќин на едно Светско фудбалско првенство. Мексико ќе ја има таа чест по трет пат (беше домаќин во 1970 и 1986 година), додека САД вторпат ќе го организираат „мондијалот“ откако тоа го направија во 1994 година.
„Мондијалот“ во 2026 година ќе биде првиот на кој во завршницата ќе играат 48 репрезентации, што автоматски значи дека досегашните 64 натпревари (со 32 репрезентации) ќе се зголеми на вкупно 104 натпревари.
Шесте фудбалски конфедерации преку квалификациите ќе партиципираат со учесници на следниот начин:
Европа од досегашните 13 ќе има 16 репрезентации на завршницата
Африка од досегашните 5 ќе има 9 репрезентации
Јужна Америка од досегашните 4 ќе има 6,5 (еден бараж натпревар)
Азија од досегашните 4 ќе има 7,5 (еден бараж натпревар)
Централна и Северна Америка од досегашните 3 ќе има 4,5 (еден бараж)
Океанија од досегашните 0,5 (само бараж) ќе има 1,5 (еден директно и еден бараж)
Директен пласман (без играње квалификации) обезбедуваат трите репрезентации домаќини: САД, Канада и Мексико.
Еве ги и градовите каде ќе се играат натпреварите:
Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас, Лос Анѓелес, Мајами, Њујорк/Њу Џерси, Филаделфија, Сан Франциско и Сиетл (вкупно 11 во САД).
Гвадалахара, Мексико сити и Монтереј (три во Мексико).
Торонто и Ванкувер (два во Канада).
Неофицијално, она што може да „процури“ од канцеларијата на ФИФА е дека финалето со сигурност ќе се игра во САД. Како градови фаворити за финалето се потенцирани Њујорк/Њу Џерси. Далас и Бостон.
Борбата за градот каде ќе се игра натпреварот за третото место останува меѓу Канада и Мексико.
