Skok
Личности и настани

Детето од Вијареџо

Детето од Вијареџо

Во февруари 2001 година известував од турнирот Coppa Carnevale кој се играше во италијанскиот град Вијареџо, каде Горан Пандев ја почнуваше својата импозантно блескава кариера

Првите денови од 2001 година, како тогашен Заменик главен и одговорен уредник на Дневниот спортски весник „СКОК“, добив покана од претседателот на ФК Беласица, Ванчо Таковски да бидам гостин на зимскиот фудбалски турнир Coppa Carnevale 2001. Струмичките фудбалски деца се подготвуваа за настап на 53-то издание на дефилето на млади таленти во италијанскиот град Вијареџо, каде фудбалските менаџери ги пикираа идните фудбалски мајстори.

Дваесет години подоцна, кога најдобриот македонски фудбалер на сите времиња Горан Пандев се збогува од играњето фудбал, „го враќам филмот назад“ на самите почетоци на кариерата на Гоче. Ја прифатив тогашната покана на легендарниот Бате Ване и бев дел од експедицијата која ја предводеше тренерот Илија Матеничаров, а во која беше и Горан Пандев. Со децата во автобус времето брзо летна на патувањето од Скопје до Вијареџо. Со докторот Илија Стоилов и физиотерапевтот Јуре Говорко направивме ново пријателство.

На тој турнир Беласица одигра три натпревари во кои ремизираше со Бари (2-2), а загуби од аргентинскиот Ѓилмеш (3-4) и Перуџа (1-2). Секое утро на таблата во хотелот „Перла де Маре“ осамнуваа моите извештаи објавени во „СКОК“, фудбалерите ги читаа извештаите од турнирот и во зависност од тоа дали појадував на иста маса со Бате Ване или јадевме одвоено, коментираа дали новинарскиот извештај е добар или не … И во таа работа лидер беше Горан Пандев, исто како и во турнирскиот натпревар на давање голови …

Ја паметам и ноќта кога под плинската ламба на терасата во хотелот „Перла де Маре“ во Вијареџо, седејќи со Бате Ване го чекавме менаџерот Стефано Браски. Претседателот Таковски не ги обожуваше италијанските менаџери, ги есапеше како фудбалска мафија … „Морам да ги дадам Пандев и Стојков, нема чаре. Тие се многу понапред од ова што ние сега го имаме и нема да можат да напредуваат …“, ми велеше Таковски. Мојата тогашна близина со Бате Ване, кој искрено имаше неизмерна доверба во мене, ме направи „зрнце песок“ од трансферот на Горан Пандев во Интер.

Година дена подоцна, токму по инсистирање на Таковски, прифатив да бидам Портпарол на ФСМ. Истата 2002 година, тогашниот селектор на „А“ репрезентацијата Никола Илиевски-Џиџи го зема Горан Пандев во составот. Фудбалските патишта повторно ни се судрија со Горан Пандев. Овој пат со детето од Вијареџо седевме заедно на клупата за резервни фудбалери во Саутемптон кога одигравме нерешено (2-2) против Англичаните. Тој како резерва, јас како Портпарол со посебен беџ му го чував грбот на селекторот.

Во меѓувреме, Горан Пандев почна да го трасира својот пат до фудбалскиот врв. Преку Специа и Анкона, назад во Интер во составот на Жозе Мурињо од 2010 година. Како Господ никој не е, и ете не повторно заедно, овој пат во Мадрид на финале на Лигата на шампионите. На прес конференцијата на „Сантјаго Бернабе“ го прашав Мурињо – дали Горан Пандев ќе биде во стартниот состав за дуелот против Баерн Минхен? Куп комплименти стигнаа од изјавата на Мурињо на адреса на Пандев, конкретен одговор не добив, но … !!!

Среќата беше повторно на моја страна и со екипата на „СКОК“ бевме на тренингот на Интер одржан во тренинг центарот „Алфредо ди Стефано“. Дејан Станковиќ, тогашен соиграч на Пандев во Интер, ми помогна и го викна Пандев да дојде до нас на трибините … Се поздравивме и само кратко ми рече: „Треба да играм од почеток, но исто како да не сум ти кажал, молим те …“ !!!

По завршување на финалето и триумфот на Интер, македонското знаме на грбот на Пандев се најде на победничкиот пиедестал. Додека конфетите летаа наоколу на тревата на „Сантјаго Бернабе“, бев среќен, пресреќен што „Детето од Вијареџо“ се качи на европскиот фудбалски врв, а јас сум дел од тој момент.

Во 2014 година, пред моето заминување на Светското фудбалско првенство во Бразил, откако не успеав да обезбедам новинарски акредитации, преку Илија Матеничаров, Горан Пандев ни обезбеди влезници за финалето на италијанскиот куп во кое тој играше за Наполи. Но, овој пат немав среќа и го одложив тоа патување, влезниците им беа дадени на двајца обожаватели на Горан Пандев лично од него во римскиот хотел каде беше сместен пред финалето. Гоче и во таа прилика покажа колку е голем како човек, не само како фудбалер.

На 21 јуни 2021 година, против Холандија во Амстердам, на официјален натпревар од EURO 2020, Горан Пандев се збогува од активното играње фудбал. Зад него остануваат „мал милион“ трофеи, успеси, резултати, голови … Остануваат неговите изјави со кој покажува дека е врвен фудбалер, цврст карактер, добар човек кој знае да ги почитува сите околу него. Неговите 101 гол во Серија А, петте освоени купа на Италија со три екипи, трофеите како европски и светски клупски првак со Интер, сигурен сум, ќе бидат долго, долго недостижни за неговиот наследник во македонскиот фудбал.

Одиграните 122 натпревари во дресот на „А“ репрезентацијата на Македонија и постигнатите 38 голови се предизвик за неговите наследници кои почитта кон него ја покажуваат кога му се обраќаат со „Бате Горан“ …

Посакувам „Детето од Вијареџо“ да не остане надвор од македонскиот фудбал. Посакувам да остане со својата харизма и да продолжи да го гради својот пат тука со нас, за доброто на сите нас кои искрено го сакаме фудбалот …

П.С. Денес, по 3,5 години, Горан Пандев е промовиран во спортски директор на сите национални селекции. Аргумент плус за визионерите во македонскиот фудбал од новинарски агол

 

Поврзани вести

Скромниот Мрме, неимар на репрезентативната фудбалска приказна

Goran Kotevski

Дургутов без грешка – Милевски и Барди ги утнаа најдобрите

Mijalce Durgutov

SUPERCUP SKOPJE 2017 – ДОКАЗ ДЕКА МАКЕДОНИЈА НИКОГАШ НЕ БИЛА ФУДБАЛСКА ПРОВИНЦИЈА

Goran Kotevski
Вчитување ....

Оваа веб-локација користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Прифаќам Повеќе

Skok