Изјавата на претседателот на FIFA во контекст на неговата идеја да го направи европскиот фудбал спорт број еден во САД ми ја враќа мондијалската меморија. Со други зборови, Џани Инфантино ме врати на “мондијалот” САД 1994.
Бев 21 ден во Америка (на двата брега – Њујорк и Лос Анѓелес). Многупати, додека шетав низ Њу Џерси на улиците среќавав и застанував да гледам како тинејџерите качени на ролшуи играат хокеј на асфалтот …!!!
Во Лос Анѓелес, пак, на секое ќоше тинејџерите играа кошарка и седејќи по малите ѕидчиња мафтаа со долгите нозе коментирајќи ги потезите на оние кои играа кошарка (баскет по нашки).
Во тогашните мои јавувања за Неделниот спортски магазин СКОК напишав:
“Европскиот фудбал никогаш нема да стане спорт број еден овде во Америка”.
Сум бил во право до јуни 2025 година кога FIFA (читај: Џани Инфатнино) повторно (исто како и во 1994 година) се обидува од петни жили да им стави (со инка) памет на “јенките” дека европскиот фудбал ќе биде спорт број еден во САД.
Е, добро, доколку излезе да ги забранат хокејот, рагбито, бејзболот и кошарката во САД – може и да биде. Во тој (хипотетички) случај сонот на Џани Инфантино може да стане реалност …