Масар Омерагиќ е новиот претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Избран со акламација на вонредното изборно собрание на ФФМ (22.12.2024), поранешниот фудбалер на Балкан Стококомерц, Слога Југомагнат и Вардар направи нов чекор кога е во прашање комуникацијата со јавноста. Во новогодишното интервју, смислено и водено од Портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски, претседателот одговори на поставените прашања од новинарите.
Во продолжение, симнатите прашања и одговорите на Масар Омерагиќ од интервјуто пласирано на Youtube – FFM Macedonia https://www.youtube.com/live/1VlPu84vC_s?si=UhCzr5Md1j2l9DbP
За поддршката на селекторот Благоја Милевски
- Има реакции за поддршката која му е дадена на Милевски од мене како претседател на ФФМ и од Горан Пандев како спортски директор. Мора една работа да разбереме. ФФМ и функцијата селектор на А репрезентацијата е институција. Носењето одлуки во таква институција не може да биде поврзано со емоции, ако се носат на тој начин може да биде погрешно
За честитките од УЕФА и ФИФА
– Нормално дека годи. Со самиот чин што тие веднаш честитаа тоа значи дека за нив целиот процес бил легитимен и завршен на начин што е во согласност на статутот на ФИФА и УЕФА. Од друга страна, честитката обврзува да имаме што подобра соработка и од наша страна да бидеме максимално исполнителни и да работиме во интерес на фудбалот“.
Ветување кон јавноста за дадената поддршка
– За жал состојбата во младинскиот фудбал е очајна. Никогаш не било вака лошо. Македонија отсекогаш била расадник на големи таленти, одлични фудбалери посебно во младите селекции. Меѓутоа со една добра и стручна работа, бидејќи јас верувам многу во моите соработници кои се поставени во тој стручен дел како спортскиот директот Горан Пандев, техничкиот директор Ѓорѓи Христов и со другите лица кои ќе ги поставиме во наредниот период, верувам во нивната стручност и работа и очекувам да се направи чекор напред во квалитетот на младинскиот фудбал. Веќе во циклусот од 2025 до 2027 да имаме напредок.
Што се однесува до А-репрезентацијата тука јавноста бара резултати сега и веднаш, искрено останува да видиме. Наше е да им овозможиме на А репрезентативците максимални услови за подготовки и согласност резултатите така и ќе ги влечеме потезите. За У-21 селекција веќе е назначен Горан Станиќ за селектор. Станува збор за млад тренер, многу посветен на својата работа, многу стручен. Покажа завидни резултати додека беше селектор на младинските селекции до 17 и 18 години. Со Работнички покажа одличен резултат, со млада и не афирмирана екипа дели прво место на табелата. Ја заслужи шансата и очекувам да ја оправда довербата со напорна работа.
За шансите за пласман на Светското фудбалско првенство 2026 година
– Ако ги прашате навивачите ние сме како фаворити. Ако ме прашате мене како фудбалски работник и поранешен фудбалер мислам дека денеска во фудбалот нема фаворити. Можеби три – четири репрезентации се така екстра – класа а сите останати стравуваат дека може да загубат од секого.
Во нашата група јас мислам дека секој може да победи секого. Дури и Белгија не може да се посочи како екстремен фаворит зошто и таа има криза на резултати и сакаат да го менуваат селекторот. Велс не е селекција за потценување, оваа селекција доаѓа од вториот шешир, додека Казахстан е во развој. Лихтенштајн е солидна репрезентација. Не сме во ситуација на никого да му се закануваме од позиција на фаворит, меѓутоа не доаѓа в предвид на било кого да му се предадеме без борба.
Наше е да бидеме сложни, да се обединиме околу репрезентацијата, да се создаде добра атмосфера. Да им дадеме максимална поддршка на селекторот и на момците и мислам дека нема да не изневерат. Еуфоријата нам никогаш не донела ништо добро во минатото. Ние секогаш сме биле најдобри кога луѓето не потценувале и кога не сметале за многу послаб противник. Да, јас длабоко верувам во репрезентативците и во стручниот штаб, но сепак не сум поборник да создаваме еуфорија.
За воведување на VAR технологијата
– Почнуваме од нула што се однесува до ВАР – технологијата. Тоа не е ни почнато што се однесува до ФФМ. Мислам дека ние и Црна Гора сме единствените од регионот кои немаат ВАР. Затоа и на седницата на УО формиравме комисија во која поранешниот судија Дејан Јакимовски е лидер на таа група составена од некогашни судии – интернационалци да ја спроведат целата оваа акција а од ФФМ ќе ја добијат целата поддршка на технички и финансиски план за да тоа се заврши како што треба. Тоа е процес кој трае неколку месеци подготовка. Ќе видиме дали ќе одиме со систем на мобилни комбиња или тоа да биде една ВАР соба која ќе биде центар. Се надевам дека се ова ќе го решиме навреме за да почнеме за наредната сезона влеземе со ВАР“.
За приходите и расходите во ФФМ
– Искрено за овие неколку дена откако сум во ФФМ за се добив извештаи само не успеав да ги добијам финансиските извештаи. Планирам од понеделник да ги видам. Околу тоа прашање, мислам на финансиите во Македонија, се прави фама. Точно е дека има приходи. Буџетот на ФФМ се полни од донациите на ФИФА и УЕФА, меѓутоа треба да бидеме реални и да кажеме дека и трошоците се огромни. Едно гостување на А-репрезентација чини повеќе од стотина илјади евра. Па ги имате младите репрезентации, потоа вработените, па инвестициите во инфраструктурата. Да кажам дека инвестицискиот циклус од УЕФА за 2024-2028 веќе е целиот е блокиран, да не кажам потрошен. Ќе направиме анализа, далеку од тоа дека еве сега се жалиме, но јас имам намера да работам максимално транспарентно.
Kога ќе бидат изготвени сите финансиски извештаи ќе направиме и една независна ревизија. Секако дека ќе излеземе пред јавноста, ќе кажеме каква е состојбата и се она што е вишок од финансиските средства во ФФМ ќе биде вратено на терен, односно ќе се инвестира во инфраструктурата. Реков и претходно, јас за тоа повеќе да правиме терени отколку да градиме трибини зошто на терен се станува фудбалер. Акцентот на мојот мандат ќе биде ставен на терени и на фудбалска опрема“.
За шампионскиот тим на Слога Југомагнат
– Нашиот капитен Неџмедин Мемеди беше лидер на таа генерација. Тука беа Здравевски, Ристо Божинов, Беќири, Мисердовски, Чолаковиќ, браќата Бегановиќ, Гого Јовчев, Нухиу. Сега ќе заборавам некого, ама нека ми простат. Јас единаесет години се занимавав професионално со фудбал, со многу играчи сум играл и нормално е сега некого да го заборавам.
Патот до претседател на ФФМ
-Тој пат е малку подолг. По завршување на мојата фудбалска кариера од 2000 до 2002 година бев член на Меѓународната комисија на ФФМ. Од 2002 до 2006 бев најмлад член на УО на ФФМ. Во одреден момент тогаш бев и директор на А-репрезентацијата. Во 2006 се разделивме, едноставно го напуштив УО и неколку години воопшто не се занимавав со таа проблематика.
Така беше се до оној момент кои мои пријатели ме убедија да се кандидирам за претседател на ФФМ во таа 2009 година. Тогаш се кандидирав, но таа моја кандидатура наиде на многу проблеми. На едното собрание не ми беше дозволен влез, на другото собрание имаше делегати од ФИФА и УЕФА и траеше 4,5 часа, во Охрид тоа беше. Потоа Хаџи-Ристески неочекувано донесе одлука за доживотна суспензија со што кај мене пробуди инает.
Тогаш започнав процес кој беше единствено дозволен согласно статутот на ФФМ да го обжалам пред Меѓународниот суд за спорт во Лозана. И јас го добив тој спор, а потоа двапати доаѓаа делегати на ФИФА и УЕФА. Имавме состаноци со Хаџи-Ристески и со делегациите, во кои беа и Теодоридис кој сега е генерален секретар на УЕФА, Ева Пасквер…
И тогаш се закажа Изборно собрание на кое се очекуваше мој избор, но со сплет на разно – разни околности и работи кои сега не би сакал да ги спомнувам јавно, се случи тоа да јас се повлечам. Потоа пак долги години бев на страна се додека пријатели и познаници не седнаа да ме убедат да се вратам во таа игра, и еве сега ова е резултатот ова денеска“.
Бунтовник по природа
– Тој ми е карактерот. Не знам, некаде се смета за доблест да кажуваш директно во лице тоа што го мислиш, некаде се смета за маана. Јас сум од оние кои што имаат да кажат кажуваат во лице без никакво заобиколување, посебно кога сметам дека сум право. Меѓутоа кога ќе згрешам знам и да се извинам.
Соработка за нови инвестиции
– Доколку сакате некаде да инвестирате како ФФМ во соработка со ФИФА и УЕФА, ќе мора да се испочитуваат сите законски прописи. И сето тоа не е можно без соработка со локалната самоуправа и со владата. Мислам дека ќе имаме одлична соработка. Ако тие фондови се затворени до 2028 година, ќе направиме напори, ќе се обидеме да лобираме, ние сме тука да наоѓаме решенија. Ќе работиме напорно и упорно. Наше е да гледаме напред и она што е во наша моќ, во рамки на она што можеме да го постигнеме, да го направиме.