
Фудбалската репрезентација ја победи Летонија (1-0) во Скопје. Голот на Никола Серафимов (57 минута) е фудбалско сонце со зрак за (евентуален) бараж-натпревар за пласман на Светското фудбалско првенство 2026 година.
Иако “нивата е долга за орање”, првата бразда е на ред пред ралото веќе во недела (17 ноември). Во последното коло на Лигата на нации треба да ги победиме Фарските острови за силен мондијалскиот адреналин кој ќе оди уште понагоре.
Што ни претстои на тој пат кој може да не качи на авионот за САД, Мексико и Канада?
На 13.12.2024 година ФИФА ќе ја изврши жрепката за квалификациите за пласман на СП 2026. Ќе се одредат седум групи по 5 репрезентации и пет групи по 4 репрезентации (вкупно 55 репрезентации). Едно е јасно уште пред оваа жрепка: 12-те победници по групи директно ќе се пласираат на мондијалот.
Остануваат слободни четири места за Европа чија квота од 13 се зголемува на 16 репрезентации кои ќе бидат на завршницата на СП 2026. За првпат на едно СП ќе играат 48 репрезентации од целиот свет.
Второпласираните репрезентации од 12-те квалификациони групи ќе одат директно во бараж натпреварите. Другите четири учесници во баражот (до вкупниот број на 16 репрезентации баражисти) ќе се одредат врз база на постигнатите резултати во Лигата на нациите во циклусот кој завршува сега во ноември, продолжува со нокаут фазата во март идната година.
Колку и да изгледа долг патот, тука е, пред нас. Колку и да е тоа комплицирано, небаре како невозможна мисија, треба да се гледа како шанса.
Останува во недела Столе Димитриевски повторно да не прими гол (на петти натпревар по ред), неговите другари да дадат макар и еден. Барди, Елмас, Миовски, Зајков, Ќамили, Алиоски, Чурлинов, Трајковски … можат тоа да го направат.
А, за после тоа – потоа .. !!!